Судскиот совет го следи случајот со Стафа
Судскиот совет внимателно го следи случајот со Фехми Стафа, кому му е одреден притвор од 30 дена. Фактот што предметот се однесува за поткуп и пари, со кои требало да се изврши влијание кај апелациски судија ги мобилизира правосудните институции. Советот ќе отвори постапка ако се потврди инволвираност на судијата.

Неготинчанецот Љупчо Пецов кој е во бегство, а е обвинет во случајот „Синџир“ штом биде пронајден ќе заврши во притвор. Ваква одлука на почетокот на месецов едногласно донел Советот на апелацискиот суд, кој го одбил неговото барање да даде гаранција за да се брани од слобода. Случајот на Пецов се актуализираше откако неговиот адвокат, а поранешен државен правобранител Фехми Стафа беше уапсен со пари со кои наводно требало да поткупи судија за да го укине притворот на Пецов.
„Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје на 02.12.2025 година едногласно ја одби жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино и го потврди решението на Основниот кривичен суд – Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување мерка притвор и определување мерка за обезбедување присуство на осомничениот – гаранција“, стои во соопштението од Апелациски суд.
Случајот го следи и Судскиот совет. Претседателот на Советот Александар Камбовски за МТВ вели до сега, до нив не е стигнато барање за постапување, а доколку истрагата покаже инволвираност на судија, Советот ќе отвори постапка.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го товари Стафа дека зел пари од сестра на обвинет за да влијае кај судија од скопска апелација, да го укине притворот на човек кој е обвинет за финансиски криминал и кој е во бегство и се бара меѓународна потерница. Стафа бил уапсен непосредно по примањето на парите.
Кривичниот суд на Стафа му определи 30 дневен притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.
Анита Димитријевска - Велковска
