МТВ во базата каде беше киднапирана Наама Леви
Македонска телевизија влезе во базата Нахал Оз во која Наама Леви израелката со македонски корени и нејзините колешки на 7-ми октомври беа нападнати од Хамас, а потоа киднапирани. Таа се врати дома после неколку стотина денови, но нејзината колешка Ноа Марцијано не ја имаше таа среќа. Во своето потресно сведоштво нејзиниот татко Ави раскажува како таа била убиена во болница во Газа од медицинско лице кое и вбризгало воздух во вените. Јавноста за првпат ќе може да ги види сцените од она што остана во контролната соба во Нахал Оз...

Неколку дена претходно таа и нејзините колешки ги предупредувале повисоките старешини дека од другата страна во Појасот Газа се подготвува нешто. Но тие со резерва го прифатиле ова. За кратко по тоа Наама Леви војник со висок чин, девојката со македонски корени, со неколку други од контролната соба во базата на Нахал Оз беше изложена на силен напад од Хамас. Македонската телевизија ексклузивно влезе во базата во која на самото место беа убиени десетици војници меѓу кои голем број жени. Наама и неколку други колешки беа киднапирани и држани во заложништво повеќе стотици денови, но една од нив Ноа Марцијано ја немаше среќата да се врати дома, иако го преживеа нападот на 7-ми октомври. Нејзиниот татко Ави ни посведочи дека Ноа била убиена со вбризгување воздух во вените.
„Израелските одбранбени сили пукаа во таа област и ја погодија во ногата, но тоа не беше некоја критична повреда. Ја одведоа во болница во Газа, каде што медицинско лице едноставно реши да ја убие. И вбризга воздух во вените. На тој начин ја уби“, изјави Ави Марцијано.
За семејствата на настраданите нејасно е како покрај големото око кое набљудува во голем опсег, Хамас сепак изврши жесток напад. Освен тоа базата располага со софистицирана опрема од висока технологија, но сите бариери на 7-ми октомври биле пробиени. Наама Леви беше вратена во првите тури на размена на заробеници и затвореници. Тоа што беше заменета со поголема бројка на затвореници од Газа зборува за нејзиното значење како воен офицер.
Фиљана Кока
