Обвинение против ексдиректорот на „Комунална хигиена“ и управителот за отпад за загрозување на животната средина
Истрагата покажала дека двајцата обвинети, во текот на октомври годинава, со пропуштање на вршење надзор над собирањето и со непрописното управување со отпадот, можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата, односно опасност по здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителен свет.

Поднесено обвинение против поранешниот в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и еден управител. Ја загрозиле животната средина и природата со отпад, што претставува кривично дело.
Истрагата покажала дека двајцата обвинети, во текот на октомври годинава, со пропуштање на вршење надзор над собирањето и со непрописното управување со отпадот, можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата, односно опасност по здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителен свет.
Двајцата обвинети, во наведениот период, ниту редовно го собирале и транспортирале безопасниот отпад, ниту побарале промена на оперативниот план. Со ваквото непостапување, тие дозволиле создавање на диви депонии на повеќе јавни и сообраќајни површини.
Предизвиците со отпадот и дивите депонии, континуирано претставуваа горлив проблем за жителите на главниот град. Поради непостапувањето на надлежните, во еден подолг временски период, просторите околу речиси сите контејнери за отпад низ Скопје, наликуваа на мини депонии, кои беа сериозен извор на зарази и неподнослив мирис.
В.д. директорот на „Комунална хигиена“ постапувал спротивно на статутот на претпријатието и на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, деловната политика на претпријатието и своите работни задачи, велат од Јавното обвинителство.
„Како директор на јавно претпријатие, кое е давател на комунална услуга, иако бил должен, сепак, давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите. Заедно со вториот обвинет, вработен како управител за отпад, подгрупа 5, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и на Законот за управување со отпад, и не презеле мерки за заштита на животната средина“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Бидејќи прибирањето на доказите е завршено, а обвинетите веќе немаат можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложил мерката притвор да им биде заменета со мерка на претпазливост, забрана за напуштање на живеалиштето.
Марија Котовска
