Локална Самоуправа

Ѓорѓиевски повторно избран за претседател на ЗЕЛС

18.12.2025 14:20

Најавен фокус на подлабока децентрализација и финансиска стабилност на општините...

На денешното Генерално собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја води организацијата. Тој им се заблагодари на членовите на Управниот одбор за поддршката, како и на новоизбраните потпретседатели Изет Меџити и Горан Герасимовски.

Ѓорѓиевски изрази уверување дека претстојниот мандат ќе биде успешен и ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и продлабочувањето на процесот на децентрализација. Како клучни причини за оптимизмот, тој го посочи фактот дека поминале 20 години од почетокот на децентрализацијата, период во кој локалната власт созреала и изградила јасна визија за неопходните реформи.

Тој нагласи дека во новиот мандат ЗЕЛС располага со значаен човечки потенцијал, при што повеќе од половината градоначалници имаат најмалку еден мандат зад себе, а дел од нив и долгогодишно искуство. Како пример за силата на заедничкото делување, Ѓорѓиевски ја посочи енергетската криза, кога преку ЗЕЛС биле изнајдени решенија за справување со сериозните предизвици.

Ја истакна и, како што рече, јасната поддршка и партнерскиот однос со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, што резултирало со ревидиран Меморандум за соработка и видлив инфраструктурен развој во општините.

Ѓорѓиевски подвлече дека ЗЕЛС останува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност. Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026–2030 година, јасно се дефинираат приоритетите во дијалогот со централната власт.

Тој потсети дека ЗЕЛС активно учествувала во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што било прифатено и долгогодишното барање за воспоставување општинска комунална полиција.

Во наредниот период, како што најави, фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините, зголемен удел во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги.

„Пред нас стојат уште многу важни прашања, но со заеднички пристап и јасна визија уверен сум дека ќе постигнеме конкретни резултати“, порача Ѓорѓиевски.