Политика

Филипче повикува на граѓански фронт за правда

18.12.2025 16:44

Социјалдемократите се револтирани од усвоената резолуција на ВМРО-ДПМНЕ со која се гарантира дека нема да влезат мигранти во земјава, но и дека се осудуваат манипулациите на опозицијата...

Од претставка до Уставен суд, до барање поддршка од Брисел за одбрана на слободата и демократијата во Македонија. Социјалдемократите се револтирани од усвоената резолуција на ВМРО-ДПМНЕ со која се гарантира дека нема да влезат мигранти во земјава, но и дека се осудуваат манипулациите на опозицијата. Филипче од Брисел порачува, време е за формирање единствен граѓански фронт за правда, слобода и демократија.

За социјалдемократите, усвоената резолуција е неуставна и претставувала цензура против предавствата на власта.

Наводите на СДСМ дека резолуцијата е неуставна и дека ја нарушува слободата на изразување, претставуваат грубо неразбирање или свесна злоупотреба на уставно-правната природа на овој акт, коментираат во ВМРО-ДПМНЕ. Тврдењата дека со резолуцијата се „гуши слободата на говорот“ се правно неосновани.

„Резолуцијата е политички акт на Собранието, со декларативен карактер, преку кој законодавниот дом изразува став, оценува појави од јавен интерес и утврдува политички позиции. Таа не е закон, не е подзаконски акт и не создава општообврзувачки норми, ниту пак воведува забрани, санкции или ограничувања на права и слободи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Резолуцијата не забранува дебата, не забранува изнесување ставови и не воведува цензура. Таа осуда на дезинформации не претставува уставно-правна санкција, туку политичка оценка, што е целосно легитимно право на Собранието, заклучува ВМРО-ДПМНЕ.

Миле А. Ристески