Собрание

Измените на Кривичниот законик стигнаа во Собранието

18.12.2025 16:32

Кривичниот законик со построга казнена политика поднесен до парламентот. За функционерите кои нема да го почитуваат законот се предвидуваат казни затвор од 6 месеци до 8 години…

Построги казни за злоупотреба на службената должност и за злосторничко здружување. Измените на Кривичниот законик стигнаа во Собранието.

Повторно се воведува посебен став за јавни набавки, но со казна од 1 до 8 години затвор, а доколку станува збор за имотна корист од големи размери казната е од 4 до 10 години затвор.

По измените пред две години, кои предизвикаа бурни реакции особено поради намалувањето на казните за функционери што ја злоупотребуваат својата положба, а со тоа застареа повеќе предмети за висока корупција и организиран криминал, сега се заострува казнената политика. Со членот 353 најблагата казна предвидува затвор од 6 месеци до 3 години; за поголема имотна корист – 1 до 5 години; а највисоката е 8 години.

Претходните интервенции ја ослабеа превентивната улога на казненото право и директно влијаеја врз активни судски постапки, вели претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Очекува дека ќе бидат донесени што побрзо.

Сиљановска најави дека треба да се размислува и за измени во Законот за помилување со кој ќе се определи посебен пристап спрема секој затвореник.

Во извештајот за напредокот на Македонија за 2023 година, Европската комисија експлицитно предупреди дека измените на Кривичниот законик предизвикуваат „сериозна загриженост“, бидејќи доведуваат до застарување, запирање и одложување на предмети за висока корупција и го ограничуваат опсегот на истрагите.

Игор Панов