Македонија

Мицкоски: Стратегијата СМАРТ/МК 2030 е темел за модерна и дигитална држава

19.12.2025 11:42

На промоцијата на стратегијата, Мицкоски нагласи дека не станува збор само за стратешки документ, туку за потврда на решителноста на Владата да изгради транспарентна, ефикасна и правична држава која работи во интерес на граѓаните и бизнисите.

Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030 претставува одговор на реалните предизвици со кои се соочува државата и јасен патоказ за изградба на модерна, паметна и дигитална Македонија, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

На промоцијата на стратегијата, Мицкоски нагласи дека не станува збор само за стратешки документ, туку за потврда на решителноста на Владата да изгради транспарентна, ефикасна и правична држава која работи во интерес на граѓаните и бизнисите.

„Дигиталната трансформација не значи само воведување нови технологии, туку длабока системска промена во функционирањето на институциите, поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија и поголема отчетност“, рече Мицкоски, додавајќи дека дигитализацијата е клучен предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата.

Тој посочи дека стратегијата го обликува патот на дигиталниот развој во согласност со националните приоритети и долгорочните државни интереси, опфаќајќи ги сите сектори – од јавната администрација, образованието и здравството, до економијата и локалниот развој.

Според Мицкоски, СМАРТ/МК 2030 е целосно усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални стандарди, вклучително и усогласувањето со законодавството на ЕУ во областа на електронските комуникации, електронската идентификација и доверливите услуги.

Премиерот нагласи дека стратегијата не е обврска само на една институција или влада, туку заедничка одговорност на институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество, со цел да се обезбедат мерливи резултати и реални придобивки за граѓаните.

На крајот, Мицкоски упати благодарност до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за неговиот ангажман во подготовката на стратегијата, истакнувајќи дека целта е јасна – паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година.