Куманово

Пиротехниката остава трајни последици

30.12.2025 13:43

Малолетници изминативе години завршиле на хирургија со тешки повреди од користење пиротехнички средства. Лекарите со апели да не се користат петарди, бидејќи неколку минути задоволство, може да остави трајни последици …

Неколку минути забава, цел живот трајни последици. Малолетници изминативе години завршиле на хирургија со тешки последици од користење пиротехнички средства, најчесто петарди. Хирурзите со апели годинава новогодишната ноќ да помине без повреди. Потенцираат интервенциите може да бидат сериозни, од изгореници на лице, раце, повреди на слушниот апарат, дишните патишта, па се до ампутации на екстремитети.

„Сме имале пациенти од изгореници од прв, втор степен кои нели соодветно ги третираме, но имаме и потешки случаи, млади пациенти со ампутирани прсти, каде што реимплантација на тој екстремитет е минимална, скоро невозможно, така што тие остануваат со еден траен инвалидитет со ограничена работна социјална способност но исто така тука треба да се спомне и психолошкиот аспект, кај тие луѓе бидејќи нели станува збор за една тешка и сериозна повреда“, вели д-р Иван Аргиров, специјализант по општа хирургија.

Лекарите се подготвени да помогнат, но велат најдобро е воопшто да не дојде до вакви состојби.

„Наједноставно е ладење на тој екстремитет ако останува збор за некоја повреда каде што имаме крварење компресивна преврска на месото и повикување на брза помош и да дојдат нели кај нас во хируршки ургентен центар за ние подоцна да ја истретираме на соодветен начин“, дополни д-р Аргиров.

И полицијата периодов со кампањи до граѓаните да не употребуваат вакви средства и да го доведуваат животот во опасност. Паралелно се спроведуваат и репресивни мерки и санкционирање.

Освен сериозни повреди, петардите се опасни и за домашните миленичиња, бидејќи звуците предизвикуваат инфарктни состојби.

Елена Георгиевска