Интеграции

Македонските евроинтеграции во новата година

30.12.2025 16:42

Уште една година со закочени интеграции. Иако земјава бара гаранции дека ќе нема нови блокади, уставните измени остануваат услов за продолжување на европскиот пат. Од 1 јануари, претседателството со советот на ЕУ го презема Кипар.

Наместо да бараме гаранции однадвор за уставните промени, треба дома да постигнеме консензус по нивното спроведување, оценуваат од Институтот за демократија.

Кипар како иден претседавач со ЕУ од 1-ви јануари 2026-та, се обврза да го одржи моментумот на проширување со кандидатите од Западниот Балкан, Украина и Молдавија. Приоритетно сепак најавија од Никозија, е Украина официјално да ги почне преговорите со ЕУ и да се надмине противењето од Унгарија.

Доколку се постигне некаков компромис за Украина, можеби ќе се протне и отворањето на поглавја со Македонија без уставни промени, сметаат аналитичарите. Но, советуваат – прво компромис да се постигне дома.

Кипар нема да биде застапник на идејата за квалификативно мнозинство при носењето одлуки за проширувањето, оценуваат аналитичарите. И во 2026 година за Македонија можеме да очекуваме Никозија да го повторува дека мора да се исполни условот за уставни промени. Кипар ќе се фокусира на автономна ЕУ, зајакнато владеење на правото, зајакната безбедност, соработка во одбраната со НАТО, промовирање на пактот за имиграција и азил, подобрена енергетска независност.

Приоритет на Кипар како претседавач со ЕУ ќе биде донесување на буџетската рамка од 2028 до 2034 година.

Ирина Гелевска