Вирусите ги наполнија болниците

Над 200 деца Новата година ќе ја дочекаат во „Козле“ и на Детската клиника

30.12.2025 17:14

Вирусите и настинките ги наполнија болниците со дечиња. Над 200 пациенти новата година ќе ја поминат во „Козле“ и на Детската клиника…

Околу 200-те деца новогодишната ноќ ќе ја дочекаат во една од двете детски болници – најчеста причина компликациите од вирусните инфекции и грипот.

Капацитети во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“ се целосно исполнети, закрепнуваат околу 80 дечиња, некои се на кислородна поддршка – оваа бројка лекарите очекуваат да остане и за новогодишната ноќ. Доминираат компликациите кои ги носи грипот, пневмонии и опструкции. Топлината на домот, дежурните медицински тимови ќе се обидат да ја доближат во болничката соба. За најмалите ќе има новогодишна прослава.

„Овој период имаме многу пневмонии, масивни, сериозни пневмонии, имаме бронхоопструкции со напади, тука децата побаруваат и кислородна поддршка, во овој период доминира грипот. Навистина бројката веќе е многу голема, низ амбулантата на клиниката веќе поминуваат и до 250 деца за викенд, тоа е огромна бројка“, вели Мирјана Поповска – Клиника за белодробни заболувања „Козле“.

Околу 130 деца новата година ќе ја дочекаат на детската клиника. За разлика од козле каде се лекуваат акутни состојби, тука има деца и на интензивна нега.

„Се работи за деца со различна патологија, на сите оддели имаме деца. Последната недела најчесто го изолиравме вирусот од инфлуенца А, а почнува да циркулира и респираторниот синцицијален вирус. Кај деца кај кои има потешка клиничка слика, со висока фебрилност, дехидрираност, долнореспираторни симптоми ги задржуваме за понатамошен третман во болница“, изјави д-р Реџеп Мемети – директор на Детската клиника.

Лекарите очекуваат бројот на заболени од грип и од респираторен синцицијален вирус да се зголемува во наредниот период.

Медицинските тимови и во двете детски клиники ќе бидат достапни како и досега, 24 часа. Во пресрет на новогодишните празници на сите деца кои се лекуваат таму им посакуваме брзо оздравување, безгрижни денови и многу насмевки во Новата година.

Андријана Ѓурческа