Македонија

Инспекциските служби на терен, засилени контроли за празниците

30.12.2025 17:32

Инспекторите на агенцијата за храна и ветеринарство тргнаа во засилени контроли. Под лупа рестораните, месарниците и рибарниците. Уништени се над 600 килограми небезбедна храна, изречени се казни од 33.000 илјади евра…

Редовни и засилени вонредни инспекциски контроли врз рибарниците, месарниците и рестораните. Во пресрет на новогодишните и божиќни празници, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство излегоа на терен, со цел заштита на здравјето на потрошувачите.

На територијата на цела Македонија спроведени се 423 надзори на гостилници и ресторани и 228 вонредни контроли кај оператори со храна од животинско потекло и изречени се 60 парични казни за операторите и одговорните лица, во износ од над 33.000 евра. Издадени се и соодветни опомени и решенија за отстранување на неправилностите, а уништени се над 624 килограми небезбедна храна, вели директорот на агенцијата, Оливер Миланов.

Граѓаните со кои поразговаравме велат, досега не им се случило да купат расипана храна, но редовно проверуваат дали е изминат рокот.

Со засилени контроли и Државниот пазарен инспекторат, кој во последниов месец спровел 524 инспекциски надзори, со цел утврдување на почитување на законите за угостителска дејност и заштита од пушењето.

Има и казни и привремени забрани за вршење дејност.

Марија Котовска