Македонија

Во Охрид Новата година дочекана во прекрасна атмосфера

01.01.2026 13:50

Илјадници туристи од земјава и регионот заедно со охриѓани во прекрасна атмосфера ја дочекаа новата година на градскиот плоштад, во хотелите, рестораните и кафулињата долж езерскиот брег. желбите на сите славеници беа скоро идентични, новата година да донесе здравје, среќа, напредок и мир…

Како и насекаде во светот Новата година во Охрид беше дочекана со многу музика, песни и безброј желби и надежи за повеќе среќа, здравје и бериќет. Отсуството на снег што е дел од зимската идила и ниските температури не ги обесхрабрија илјадниците туристи и домаќините да минат уште една незаборавна ноќ, бидејќи тоа беше надоместено со свечено новогодишно руво, светлосни ефекти, спектакуларен огномет и богата програма, особено на градскиот плоштад.

„Амбиентот е супер. Во Охрид дојдовме поради многу туристи, да си поминеме добро, езерото е тука, супер е атмосферата. Македонска музика, супер е“, изјави гостин од Прилеп.

„Прво здравје, да сме живи и здрави сите и саканата личност“, изјави гостинка од Прилеп.

„Во Охрид доаѓаме по втор пат, а по втор пат се доаѓа онаму каде што ви се допаѓа. Новогодишна желба ми е да се оженам“, изјави турист од Србија.

„Прв пат сум во Охрид. Убаво е, луѓето се пристојни и прекрасно не прифатија. Посакувам во Новата година сите да сме здрави, добри и да нема лоши мисли“, изјави туристка од Србија.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на охриѓани и бројните туристи им посака среќна и успешна Нова година.

„Посакувам многу среќа, радост, надополнета со љубов и благосостојба, секако многу подобар Охрид и многу подобра Македонија. Тоа го посакувам на сите граѓани, не само на Охрид, туку и на Македонија и искрено верувам дека тоа ќе се случи, дека 2026-та ќе биде навистина добра година за сите нас“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

По традиција дел од граѓаните на Охрид и туристите, денеска уште од претпладневните часови ги исполнија охридската чаршија, кафетериите и рестораните, релаксирајќи се гледајќи во прекрасните панорами што ги нудат градот и езерото. Секако на тој начин ги надополнија батериите пред најавените забави кои вечерва ќе се одржат во хотелско-угостителските објекти и на градскиот плоштад.

 

Сашо Нелоски