Македонија

Стабилна состојбата со африканската чума кај свињите

04.01.2026 12:17

Во североистокот подолг период стабилна е состојбата со африканската чума кај свињите. Едукацијата, кампањите со фармерите даваат резултати. Сепак болеста сè уште циркулира кај дивите свињи. Стручните лица со апели задолжително да се проверува месото, коешто се обработува во домашни услови.

Здравствената состојба на животните во Куманово, Старо Нагоричане и Липково, е стабилна. Подолг период нема појава на болеста африканска чума. Фармерите ги применуваат сигурносните мерки и тоа дава резултати. Но сепак од ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ укажуваат дека вирусот сè уште циркулира кај дивите свињи. Затоа е важно да продолжи едукацијата на фармерите и ловџиите.

„Во моментот од податоците коишто ги добиваме од официјалните институции од земени мостри имаме појава кај дивите животни, додека на сите резултати кои ги имаме однесено последниве 12 месеци од домашните свињи, нема појава на африканската свинска чума“, вели Зоран Пешевски, ветеринарно-сточарски центар „Тодор Велков“ Куманово.

Спроведените испитувања покажале дека е стабилна здравствената состојбата и кај останатиот добиток. Квалитетот покрај самите фармери го следат и кланиците, агенцијата за храна и ветеринарство. Целта е на пазарот да заврши здрав производ.

Од ветеринарно-сточарскиот центар апелираат до граѓаните коишто во домашни услови практикуваат колење на свињи, задолжително месото да го проверуваат во лаборатории.

Испитувањата не се скапи, а се намалува ризикот од заболувања предизвикани од недоволна термичка обработка или сушени месни производи.

Елена Георгиевска