Македонецот Стивен Ивановски меѓу жртвите во трагедијата во Кран Монтана
Македонецот Стивен Ивановски, кој се водеше како исчезнат по пожарот во познатиот бар „Констелејшн“ во Швајцарија, е меѓу жртвите во трагедијата. ДНК анализата потврдила дека не успеал да се спаси од огнената стихија, која однесе над 40 животи. Обвинителството отвори истрага, постојат сериозни сомнежи дека локалот бил пренатрупан, а излезите блокирани …

Македонскиот државјанин Стивен Ивановски кој се водеше како исчезнат по катастрофалниот пожар во барот „Ла Констелејшн“ во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана е меѓу жртвите во трагедијата. По неколкудневната потрага по одговори во болниците, ДНК анализата потврдила дека Ивановски не успеал да се спаси од огнената стихија. За новогодишната ноќ кога избувнал пожарот, последен пат бил виден во подрумските делови од барот. Неговото исчезнување беше споделено на социјалните мрежи, најблиските бараа каква било информација за неговата судбина.
Форензичарите продолжуваат со ДНК идентификација на жртвите, процесот е бавен поради сериозноста на изгорениците. Меѓу нив има државјани од неколку европски земји. 15 повредени се во критична состојба. Швајцарската влада најави итна ревизија на безбедноста во сите ноќни клубови.
„Во тек е и идентификацијата на 40-те жртви, таа останува наш приоритет. Имаме потребни ресурси за ова и можеме да се потпреме на поддршката од бројни специјалисти од различни кантонални полициски сили во Швајцарија“, изјави Фредерик Гислер – полициски комесар за кантонот Вале.
Истрагата за трагедијата во Кран Монтана добива на интензитет. Обвинителството отвори истрага за убиство од небрежност. Постојат сериозни сомнежи дека локалот бил пренатрупан и дека излезите за евакуација биле блокирани. Сопственикот имал криминално досие, медиумите пренесуваат дека објектот го реновирал на своја рака.
„Сè укажува дека пожарот започнал од прскалките поставени на шишињата шампањ донесени блиску до таванот. Продолжената истрага ќе се фокусира на употребените материјали во барот, дозволите за работа, безбедносните мерки, излезите за евакуација, капацитетот за гости и сл. Ќе постои можност да се испита дали постои кривична одговорност за поединци“, изјави Беатрис Пилу – државен обвинител на кантонот Вале.
Веднаш по трагедијата која однесе над 40 животи, со над 100 повредени, македонската влада ѝ понуди помош на Швајцарија.
Андријана Ѓурческа
