Дипломатија

Муцунски ја поздрави акцијата на САД

03.01.2026 18:51

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја поздрави акцијата на Соединетите Американски Држави за заробување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, за која Доналд Трамп соопшти дека била спроведена по голем воздушен напад врз Венецуела.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја поздрави акцијата на американските власти за заробување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.

Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Муцунски напиша дека е за поздравување тоа што Мадуро ќе се соочи со правдата, посочувајќи дека одговорноста е клучна за слобода и демократија. Тој упати пофалби и до државниот секретар Марко Рубио за лидерството во борбата против, како што наведе, нарко-криминалните мрежи на режимот на Мадуро.

Претходно, Доналд Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушл“ соопшти дека САД извеле голем воздушен напад врз Венецуела и дека во операцијата, спроведена со учество на американските агенции за спроведување на законот, биле заробени Мадуро и неговата сопруга.

Главната обвинителка на САД, пак, Пам Бонди, информираше дека против Мадуро и Силија Флорес се поднесени обвиненија за повеќе кривични дела поврзани со дрога и оружје.