Мицкоски: На Бугарија ѝ пречи македонскиот јазик во Акцискиот план за малцинства
Прашан за ставот на Владата по американската воена операција во Венецуела, премиерот рече дека како влада стојат до аргументите и потезите на стратешкиот партнер, САД. Во однос на евроинтеграциите, премиерот Мицкоски вели-за сè што предупредував на нашиот евроинтегративен пат во Брисел, сè се случи. Акцискиот план кој се бараше од нас е готов и предаден, но, сега на нашиот сосед му пречи зошто е на македонски јазик…

Дали апсењето на претседателот на Венецуела, Мадуро од страна на САД е преседан во меѓународното право, премиерот Христијан Мицкоски со став-Македонија мина низ многу преседани од менување знаме за влез во Обединетите нации до менување на Устав и име. Вели, ме загрижува громогласната тишина од истите тие европски и светски земји кога меѓународното право се кршеше на грбот на македонските граѓани.
Јас не можам да се откажам од мојот мајчин јазик кој е и официјален, вели Мицкоски откако Бугарите се огласија дека не го прифаќаат Акцискиот план за малцинства испратен на македонски јазик. Го предупредувавме Брисел дека не е само барањето Бугарите да влезат во Уставот. Проблемот е подлабок, а тие ги одбија поканите од Париз, Берлин и Брисел за седнување на заедничка маса.
Од домашната политичка сцена, социјалдемократите остануваат на тврдењата дека планот на власта е предвремени избори, па носење мигранти во земјава. Власта ги негира ваквите тврдења.
Миле А. Ристески
