Променливото време ги зголеми интервенциите
Докторите апелираат да се внимава на трпезата со внесувањето на мрсна храна, особено оние кои пред празниците практикувале пост. Грипот во подем, но и променливото време удри по здравјето особено на хронично болните лица. Од Итната медицинска помош, велат по информациите за пад на температурите обилни врнежи очекуваат уште поголем обем на интервенции...

Невообичаено топлото време во овој период од годината ги зголеми интервенциите во Итната медицинска помош. Разликата во температурата најмногу ја чувствуваат хронично болните, особено оние со висок крвен притисок, пациентите со кардиоваскуларни и белодробни заболувања.
„Хроничарите го почувствуваат тој премин на температурата од ладно на топло, тие имаа проблеми, тие навестуваат и претходно затоа што се еден тип на метеопати, особено пациентите што се со висок притисок, со кардиоваскуларни заболувања исто така и пациентите кои имаат белодробни заболувања. Да имавме интервенции, но претежно можеа да поминат со совет во однос на терапијата којашто ја земаат“, изјави д-р Александра Пејковска – Итна медицинска помош.
Од докторите апел и за православните кои ги практикуваа 40 – дневните божиќни пости постепено и умерено да внесуваат масна храна. Во спротивно можат да го стават во ризик здравјето и да имаат потешкотии со дигестивниот систем.
За да уживаме во празничните денови единствен услов е да сме во добро здравје. Лекарите со апел до граѓаните да внимаваат колку и каква храна консумираат, умерено со алкохолот, а хронично болните навреме да ја земаат терапијата.
Ќе бидат особено осетливи во деновите што престојат. По невообичаените температури, синоптичарите најавуваат пообилни дождови и снег на планините.
„Врнежи од снег ќе има од ова попладне, врнежи ќе има на планините и на некои повисоки населени места. Во петок ќе имаме релативно стабилно време, а од сабота повторно се очекува нов бран од врнежи и тогаш врнежите од снег ќе бидат и во некои населени места“, изјави Марија Цветковска Атанасова – УХМР.
Кај нас засега снежна покривка само на планините, но во соседството и во Европа, снегот и замрзнатиот дожд го парализираа сообраќајот и нормалното функционирање.
Андријана Ѓурческа
