ЦУК

ЦУК: Поплави и одрони се регистрирани во неколку делови од државата

07.01.2026 18:54

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава предизвикаа поплави и одрони во неколку региони во западниот дел, а во тек е евакуација на жители во некои од погодените места...

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава предизвикаа поплави и одрони во неколку региони во западниот дел, а во тек е евакуација на жители во некои од погодените места, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што информираат оттаму поплави се пријавени во Кичево и Охрид, додека одрони има на патните правци Гостивар-Стража и Тетово-Бањиче поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

Според ЦУК, во Кичево се регистрирани поплави на повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во тек е евакуација на жители, а на терен се наоѓаат екипи на Општина Кичево, на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Црвениот крст, Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ и други надлежни служби.

Во Охрид се пријавени поплави во подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а за состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Во Струга по пријава преку единствениот број за итни случаи – 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда

Во околината на Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар – Стража и Тетово – Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

По пријави преку бројот 112, регистрирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, на Лукавичка Река во селото Бало Турчане и на Сушичка Река во селото Горно Бањице, што предизвикале поплавување на земјоделско земјиште и дел од дворови на куќи.

Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште. Од ЦУК ионформираат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Шари“ е на терен и ги координира активности со надлежните институции.

Кај селото Сирхан, битолско, е саниран одрон, додека во селото Дрмени поплавени се два двора, за што се известени Општина Ресен и тамошната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување.

Од ЦУК наведуваат дека врнежите од дожд продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.

Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.