Излевања на реки и локални поплави во повеќе региони, службите на терен низ целата држава
Обилните врнежи предизвикаа зголемување на водостоите, локални излевања и интервенции на надлежните служби. Состојбата се следи континуирано, а патиштата се одржуваат проодни.

Поради обилните врнежи од дожд, на територијата на државата е регистрирано зголемување на водостојот на реките и одводните канали, а на повеќе локации има локални излевања и интервенции на надлежните служби, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во Штипско–Кочанскиот регион, Кочанска река локално се излеала кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река се излеала кај селото Грдовци, со интервенција на Водостопанство „Брегалница“, додека МВР – ПС Кочани врши обезбедување и регулирање на сообраќајот. Зрновска река има излевање пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи РЦУК. Злетовска река и Брегалница се со зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевањето на реката Далја. ЈП Водовод, Нискоградба и Комуналец интервенираат со механизација, а ТППЕ и ДЗС со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. РЦУК Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патот.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата на поплавените објекти на улицата „Прилепска“ останува непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП Комуналец вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП Комуналец интервенира во населбата Стрчин, Македонија пат расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозени површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка, состојбата постојано се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, додека Македонија пат и комуналните претпријатија превентивно посолуваат и расчистуваат ризични патни делници.
Во Тетово, Општината интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица се постапува по уривање на потпорен ѕид, а во Желино има интервенции по излевања кај Стримница и Палатица. На Попова Шапка се расчистува патот со механизација на приватна фирма по координација со РЦУК Тетово. Во Гостивар, ЈП Комуналец и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Надлежните служби остануваат на терен и апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните известувања.
