„Мој термин“ испит за трпеливоста и здравјето
Како да се стигне до закажан „Мој термин“? Искуството и на пациентите и на матичните покажува дека тоа е испит за трпеливоста, здравјето и вербата во здравството.

Прилепчанката Мери Митреска неретко помислувала дали побрзо ќе добие на лото или „мој термин“ кај специјалист. Има искуство на чекање со месеци.
За медицинскиот персонал кај матичните тоа е „битка за термин“.
Од неколку недели до пет, шест месеци па и година може да се чека термин кај специјалист. Најчесто на очното одделение, па на пулмологија на интерното во Прилеп.
Прилепската болница смета дека со новите специјалисти ќе се подобрат состојбите.
„Во болницата континуирано се работи на подобрување на здравствените услуги. На некои одделенија имаме помалку лекари, и затоа има помалку термини, но на секое одделение има секој ден „мој термин“ во амбулантата. Наскоро, со лекарите кои се враќаат од специјализација, би имале повеќе термини за рутински и субспецијалистички прегледи на пациентите“, велат од Општата болница „Борка Талески“-Прилеп.
Министерството за здравство мора да го реши проблемот со термини за скринингот на рак на дојка.
Елизабета Митреска
