ЦУК: Водостојот на реките постепено се намалува, но и натаму има поплавени земјоделски површини, дворови и подруми
Последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 12:30 часот укажува дека состојбата по обилните врнежи во земјава постепено се стабилизира. Во Охридско и Кичевско, каде што беше најкритично, водостоите на реките се намалуваат и нема опасност од нови поплави...

Последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 12:30 часот укажува дека состојбата по обилните врнежи во земјава постепено се стабилизира. Во Охридско и Кичевско, каде што беше најкритично, водостоите на реките се намалуваат и нема опасност од нови поплави.
Водостоите на реките Зајашка и Треска во Кичево се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е и состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.
Во Демир-Хисар, поради оштетување на мост над Боишка Река, локалниот пат за село Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во коритата, освен Црна Река во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што и натаму има излевање и поплавени земјоделски површини.
Во Скопскиот, Штипскиот, Велешкиот и Струмичкиот Регион состојбата е стабилна и без врнежи од дожд или снег.
Стабилно е и во Тетовско. Сите патни правци се проодни, а „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово-Попова Шапка. Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар-Маврово, кај каменоломот, од ЦУК информираат дека надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување.
Во Кумановско, на територија на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Сите патни правци се проодни.
