ЦУК

ЦУК: Состојбата на терен постепено се стабилизира

12.01.2026 10:04

По обилните врнежи што ја зафатија земјава, состојбата на терен постепено се стабилизира, информираат Центарот за управување со кризи...

По обилните врнежи што ја зафатија земјава, состојбата на терен постепено се стабилизира, информираат Центарот за управување со кризи. Во Пелагонискиот регион, во Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од поплавените подрачја, иако Реката Црна има покачен водостој, а дел од земјоделските површини сè уште се под вода.

Во Демир Хисар, поради оштетен мост, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Во југозападниот регион, во Охрид со заштитен насип е спречено ново излевање на реката Сушица, но има поплавени подруми и дворови. Во струшките села Мислешево и Калишта поплавени се дворови и земјоделски површини, а санацијата е во тек.

Во западниот регион, во Кичево водостоите на реките се намалени и нема нови поплави. Во тек е расчистување и дезинфекција на поплавените домови, а евакуираните граѓани се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во вардарскиот и североисточниот регион проблеми предизвика и снегот.

Во кавадаречко се расчистуваат планинските патишта, додека во Ранковце е отежнат сообраќајот поради снежни наноси. Во полошкиот регион, во Тетово е отстранета падната карпа на патот кон Бањиче, а кај Гостивар се расчистува одрон на патот кон Маврово.

Надлежните апелираат на внимателност и следење на состојбата на терен.