Протести против анексија на Гренланд
Данската арктичка команда ги покани САД да учествуваат во воени вежби во Гренланд во обид да го уверат Трамп дека нема закана по безбедноста. Граѓаните на кралството и на островот жестоко се противат на плановите на Вашингтон. Шефот на Белата куќа не се откажува од намерите, па почна да се заканува со нови тарифи.

Протести во Данска и Гренланд поради амбициите на американскиот претседател за преземање на контролата врз островот. Протестите доаѓаат три дена по состанокот во Вашингтон каде данските претставници признаа дека во моментов нема можност за договор со американските лидери за иднината на автономната територија. Трамп се закани со зголемување на царините за земјите кои не го поддржуваат неговиот план за Гренланд.
„Можеби ќе воведам тарифа за земјите ако не се согласат со плановите за Гренланд. Островот ни е потребен за национална безбедност. Значи, можеби ќе го направам тоа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Франција, Шведска, Германија и Норвешка, заедно со Холандија, Финска и Велика Британија распоредија воен персонал на Гренланд за извидувачка мисија, како дел од вежбата „арктичка издржливост“ на Данска, организирана со сојузниците на НАТО. Данска ги покани и САД за учествуваат на воените вежби.
„Спроведуваме вежба наречена арктичка издржливост. Тоа е вежба што ќе се спроведува во текот на целата 2026 година, а можеби и следната година, каде што ќе го зголемиме нашето присуство тука-во и околу Гренланд. Го правиме тоа со дански, но и со сојузнички трупи“, изјави генерал-мајор Сорен Андерсен – началник на заедничката арктичка команда на Данска.
Жителите на гренландскиот главен град сè повеќе загрижени по американските закани.
„Образование, здравствена заштита, стоматолог-сето тоа е бесплатно. Ние не плаќаме за тоа“, рече жителка на Нук
„Ако Америка го поседува ова место, колеџот ќе чини многу и здравствените услуги исто така ќе чинат многу. Мислам дека ќе има војна затоа војници од Европа доаѓаат тука“, додаде жител на Нук.
Европски лидери со поддршка за Данска. Велат дека арктичкиот регион е подеднакво важен за нив и неговата безбедност треба да биде заедничка одговорност на НАТО.
Катерина Бојаџиева
