Куќен притвор за апелацискиот судија Ѓоко Ристов
Кривичниот суд пресече – апелацискиот судија Ѓоко Ристов оди во куќен притвор. Освен тоа, со одлука на судија на претходна постапка му се одзема и пасошот. Претходно, и Судскиот совет, даде зелено светло на судијата да му се изрече поблагата мерка за обезбедување присуство, а ќе биде и суспендиран од функцијата.

Во кујната плочки, зад плочките дупка – а во неа 350 илјади евра. МВР поднесе кривична пријава за апелацискиот судијата Ѓоко Ристов бидејќи во куќата на неговите родители во Неготино најде соѕидани пари, доволна сума за да го компромитираат и да биде осомничен за незаконско стекнување и прикривање имот како и перење пари.
„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра“, стои во соопштението од МВР.
Додека не се расчисти дилемата како Ристов дошол до парите, Судскиот совет одлучи да го суспендира, односно да не оди на работа до завршување на кривичната постапка.
Тој денеска сам се пријавил во судот, каде беше сослушан од судија на претходна постапка, кој на барање на обвинителството му определи куќен притвор, а му беше одземен и пасошот.
Постапката против Ристов е проширување на истрагата од 14 декември во која беше опфатен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа, кој барал пари од обвинет за да даде поткуп и да влијае кај апелациски судија да му се укине притворот.
Анита Димитријевска - Велковска
