Прва седница на Уставниот суд годинава, на дневен ред девет иницијативи
Уставниот суд денеска ќе ја одржи првата седница во оваа година, со дневен ред на кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставност и законитост...

Уставниот суд денеска ќе ја одржи првата седница во оваа година, со дневен ред на кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и три предлози за одлучување со Нацрт-одлука.
На дневен ред на денешната седница е иницијативата со која е оспорен член 2 ставови 1 и 4 и член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија. Подносителот на иницијативата Славко Лазовски смета дека Народна банка е привилигирана во однос на даночни ослободувања и олеснувања кои според него немаат смисла и оправданост и истото е спротивно на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, член 33 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Пред судиите ќе се најде и иницијативата во која е оспорен член 60 став 3 алинеја 2 од Законот за управните спорови. Подносителот на иницијативата Александар Наумовски смета дека оспорената одредба предизвикува дилеми, непрецизна е и нејасно е имплементирањето во праксата. Во иницијативата се наведува дека не е во согласност со владеењето на правото, со одредби од членот 50 и Амандманот XXI на Уставот.
На денешната седница, меѓу другите точки се и иницијативите за оспорување на членови од Законот за извршување, Колективниот договор за здравствената дејност, правилници за распределба на авторски надоместоци, геодетски работи за посебни намени, како и локални акти од Општините Гостивар, Тетово и Карпош.
