„Безбеден град“

СДСМ нема да ги поддржи измените на Законот за прекршоци

21.01.2026 17:37

Според претседателот на партијата, Филипче, предложеното законско решение не е комплетно. Вели, дека се залагаат за безбедност во сообраќајот, но се сомневаат во контролата на податоците.

Нема да го поддржат Законот за прекршоци-одлучи Социјалдемократскиот сојуз, на само два дена пред собраниската седница на која пратениците ќе гласаат за Законот. Според претседателот на партијата, Филипче, предложеното законско решение не е комплетно. Вели, дека се залагаат за безбедност во сообраќајот, но се сомневаат во контролата на податоците.

Спасуваме животи – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница. Тој посочи на неколкукратно намалениот број на жртви во сообраќајот во тест-периодот од два месеца, во споредба со претходната година во истото време. Граѓаните покажаа дека и без ефектуирани казни, умеат да ги почитуваат сообраќајните правила – вели Тошковски.

За усвојување на пакетот закони потребно е двотретинско мнозинство. ДУИ најави поддршка за проектот „Безбеден град“ кој од 1-ви февруари ќе треба да стапи во функција. На почеток ќе санкционира четири сообраќајни прекршоци.

Марина Стојанова Тонева