Охрид се гуши, локалната власт и опозицијата со спротивставени ставови
Аерозагадувањето повторно една од најгорливите теми во Охрид. Додека мерните станици регистрираат алармантно високи концентрации на штетни честички во воздухот, локалната власт и опозицијата со спротивставени ставови околу тоа дали се преземаат доволно мерки...

Аерозагадувањето последните неколку години го позиционира Охрид високо на листата на најзагадени градови во земјава, особено во текот на зимските месеци. Мерните станици секојдневно регистрираат повеќекратно повисоки концентрации на штетни честички во воздухот, што повторно го отвори прашањето за одговорноста и ефикасноста на мерките за справување со овој проблем.
Опозицијата обвинува, локалната власт не презема доволно мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.
„Еден од поважните амандмани, кој се однесуваше на зачувување на животната средина и прочистување на воздухот, не беше прифатен. Сметаме дека ваквите мерки се императив за понатамошното функционирање на градот, имајќи ги предвид сериозните здравствени импликации што ги предизвикува загадениот воздух“, вели Иван Димкоски, советник од СДСМ.
Од локалната власт велат Општина Охрид има донесено План за подобрување на амбиенталниот воздух и се спроведуваат конкретни мерки.
„Како општина обезбедуваме субвенции за инвертер-клими и таа мерка ќе продолжи и оваа година. Во однос на зеленилото, конкретно минатата недела имавме акција за засадување дрвја. Сè што е во наша надлежност и што може да се преземе за заштита на воздухот и подобрување на амбиенталниот воздух, го преземаме“, вели Перчо Божиноски, претседател на Советот на Општина Охрид.
Според анализите, главни причини за аерозагадувањето на брегот на Охридското Езеро се греењето на огревно дрво, зголемениот сообраќај, урбанизацијата како и намалувањето на зелената инфраструктура.
Соња Рилковска
