Безбедност во сообраќајот

Се тестира системот „Безбеден град“

25.01.2026 15:39

Денеска се тестираат камерите на системот „Безбеден град“ во Куманово и Тетово. На локациите каде што се спроведуваат процедурите привремено не се пропуштаат возила …

По главниот град од денеска и во Куманово и Тетово започна тестирањето на камерите од системот „Безбеден град“, кои од први идниот месец ќе регистрираат сообраќајни прекршоци. Тестирањето го спроведуваат екипите на МВР. На локациите каде што се реализираат процедурите повремено не се пропуштаат возилата. Во најголемата општина во земјава чести се сообраќајните незгоди, па граѓаните ја поздравуваат мерката и очекуваат да придонесе кон нормализирање на хаотичниот сообраќај.

Во Куманово безбедносните камери ќе ловат сообраќајни прекршоци на автопатот, регионалните патишта кон Свети Никола и Крива Паланка, но и во централниот дел на градот, булеварите.

Новиот систем регистрира четири прекршоци, брзо возење, поминување на црвено, нерегистрирани возила и неправилно паркирање.

Лани на ниво на земјава беа евидентирани дури 142 жртви, како последица на непочитување на сообраќајните правила. Очекувањата се овие бројки значајно да се намалат, бидејќи од први февруари опомените ќе се заменат со казни.

Елена Георгиевска