Завршна фаза на тестирање на системот „Безбеден град“
Системот „Безбеден град“ не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок – министерот за внатрешни работи Тошковски на една од локациите каде се правеа финални контроли на камерите за детекција на сообраќајни прекршоци. Вели има минимални отстапки при проверките на точноста на мерењето на брзината. Целта е безбеден сообраќај и намалување на сообраќајните несреќи...

На нецела недела до ставање во функција на системот „Безбеден град“ надлежните ги прават последните проверки. Во населбата Автокоманда, на излез од Скопје, на место коешто се смета за црна точка во сообраќајот се тестираше и верифицираше брзината на движење на возилата со радарите и со поставените камери. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на терен ги слушна стручњаците, вели отстапките коишто се констатирани се минимални.
Во Скопје десеткратно се намалени прекршоците коишто ги прават возачите откако пробно е пуштен системот „Безбеден град“. За другите градови кои сега не се опфатени со проектот министерот Тошковски најави дека за месец до два ќе има возила со камери коишто ќе бидат поврзани со системот и вклучени со автоматското спроведување и детектирање на сообраќајните прекршоци.
Системот „Безбеден град“ за некои добар, за некои лош, но од искуство на професионален возач, се врати сообраќајната култура и ред, вели Кирил Митков.
За пречекорување на дозволената брзина, казните се движат и до 500 евра, оние што ќе имаат големо пречекорување од 3 до 12 месеци ќе добијат и забрана за управување со возило. Во прва фаза од системот „Безбеден град“ ќе се санкционира и поминување на црвено, казната е 250 евра. A казни ќе има и за истечена важност на сообраќајна дозвола како и за непрописно запирање и паркирање казните. Сопствениците на возила за кои е утврден прекршок ќе добијат смс – порака и е-пошта со линк за преземање на извештајот за платен налог.
Наташа Јанчиќ Менковски
