Партии

ВМРО-ДПМНЕ со реакција по обвинувањата на СДСМ за дипломатска изолација

25.01.2026 18:13

Филипче пред членството да објасни за сите национални предавства, почнувајќи од сервилното однесување кон Грција, штетниот договор со Бугарија и наметнатиот француски предлог, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на лидерот на социјалдемократите на вчерашниот партиски конгрес дека земјава е во дипломатска изолација. СДСМ и денеска во партиското соопштение наведуваат дека изолацијата на Мицкоски се покажала и во Давос. Како што велат нема ниту една средба со светски или европски лидер.

СДСМ треба на своето членство да им објасни за сите национални предавства коишто ги извршила за време на владеењето, почнувајќи од сервилното однесување кон Грција, штетниот договор со Бугарија и за наметнатиот француски предлог, одговор од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на СДСМ за национално предавство на интересите на земјава. Од владејачката партија велат Филипче на конгресот требал да објасни зошто сдсм станала петта партија во Скопје, а трета на ниво на државата.

На конгресот, Филипче ја обвини владејачката партија дека ги предала националните интереси и ја турка земјава во дипломатска изолација. Од СДСМ велат дипломатската изолација на Мицкоски се покажа во Давос.

„Премиерот немаше ниту една средба со светски или европски лидер. Се снимаше по ходници и тераше туризам на сметка на граѓаните. Единствена средба што ја одбележа неговата посета на Давос беше со сопственикот на унгарската „Фор-ај-џи“ поврзана со режимот на Виктор Орбан“, стои во соопштението социјалдемократите.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, посочија дека за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, долгот на државата бил двојно зголемен.

 

Игор Панов