Превентива

Последици од прекумерната екранизација

25.01.2026 19:01

Брзиот развој на технологијата носи бројни придобивки, но доколку не се користи правилно може да доведе до голем број негативни последици, во повеќе сфери. Според социолозите многу е важно да се внимава на социјалниот момент. Компјутерите и паметните уреди се тука за да го олеснат секојдневието на луѓето, но не и да ги заменат истите. На ова уште пред 30 години предупредувал социологот Златко Жоглев.

Компјутерите, мобилните телефони и таблети, одамна станаа дел од секојдневието. И додека технологијата го олеснува животот, се отвора прашањето-какви последици остава прекумерната екранизација врз човекот и општеството?

Социологот Златко Жоглев-уште пред 30 години во неговата докторска дисертација предупредува за општествените последици од компјутеризацијата. Тогашните истражување покажале трендови на длабоки промени во повеќе сфери, како што се стопанството, економијата, образованието и здравството.

Социолозите предупредуваат-прекумерната изложеност на екрани, може да предизвика зависност, намалена концентрација и анксиозност. Кај децата, пак се јавуваат проблеми со говорот и емоционалниот развој. Општеството мора да постави јасни граници и контрола како правилно да се користи технологијата.

Развојот на современата технологија, носи позитивни придобивки, но доколку не биде контролиран начинот на нејзиното користење, може да предизвика голем број негативни последици. Одреден држави кои ги утврдија штетните последици од прекумерната употреба на паметни телефони, веќе воведоа забрана за користење во основни и средни училишта.

 

Александра Максимовска