iPhone 6, iPhone 6 Plus, Apple Watch... скок во историјата на американскиот гигант!

10.09.2014 11:39

Со новите уреди најуспешниот производител на паметни телефони во светот ги засилува обидите да привлече клиенти во земјите надвор од Северна Америка и да ги убеди корисниците на Google Android да преминат на iOS...

Точно една година по претставувањето на послениот паметен телефон, aмериканскиот технолошки гигант Apple вчера пред љубителите на високата паметна технологија ги претстави новите два модели iPhone 6 и iPhone 6 Plus. Бонус овој пат беше и паметниот часовник на Apple, кој воедно ја означува и револуицијата на едно сосема ново поле за компанијата, како и новата услуга за плаќање преку мобилен телефон, Apple Pay.

iPhone 6 е „стандарден“ 4,7-инчен паметен телефон со дебелина 6,9 мм, а 5,5-инчната варијанта на iPhone 6 Plus е подебел за само 2 милиметри.

Со новите уреди најуспешниот производител на паметни телефони во светот ги засилува обидите да привлече клиенти во земјите надвор од Северна Америка и да ги убеди корисниците на Google Android да преминат на iOS.

Главниот извршен директор на Apple, Тим Кук, рече дека новите уреди се „најголемиот скок во историјата на iPhone“.

Телефоните користат нов чипсет A8 кој е 64-битен, изработен е по 20-нанометри технологија и има 2 милијарди транзистори. Тој е со 13% помал од А7, но во исто време нуди 20% побрз процесор и 50% побрз графички акцелератор. Според компанијата највисоките перформанси може да се задржи долго време без да се генерира дополнителна топлина.

Долгоочекуваниот часовник на Apple, за кој многумина сметаа дека ќе се вика iWatch, едноставно се нарекува Apple Watch. Кук сентиментално го опиша овој уред како „првиот нов производ на Apple“ по смртта на основачот и идеолог Стив Џобс.

Часовникот е синхронизиран со iPhone, и може да работи со истите апликации, како и да измери здравствени индикатори на носителот. На него можете да ја отворате вашата e-mail адреса или да се поврзете со пријателите во близина, а може дури и да им ги испратите и вашиот пулс. Часовникот ќе се поврзува со други уреди и преку Bluetooth. Се полни со безжичен полнач.

Самиот часовник се вклучува при кревање на рака, можете да му давате и гласовни команди што да прави, бидејќи работи и со програмата за гласовно препознавање Siri. Компанијата претстави два различни модели кои ќе се нудат во различни бои и каиши.

„Овој часовник е многу повеќе од лична технологија, тој е прашање на стил и вкус“, коментира Тим Кук.