Македонија

Советот на Европа одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Македонија

30.01.2026 12:02

Историска одлука стигна од Стразбур. По речиси 26 години, парламентарното собрание на Советот на Европа изгласа резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија поради одржливиот напредок во неколку клучни сегменти. Во јануарската сесија учествуваа четворица пратеници од земјава.

Советот на Европа одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Македонија. Парламентарното собрание на Советот на Европа ја усвои резолуцијата со образложение дека е направен напредок во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните држави.

Резолуцијата е донесена со 57 гласови „за“ и еден воздржан на зимското заседание на Парламентарното собрание на советот на која присуствуваа и македонски пратеници.

Историски момент како денот на прогласување на независноста, признание за нивото на демократијата во државата. Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, се почитува слободата на говорот и таа држава е зрела да ја гледаме понатаму, навистина како зрела демократија за разлика од другите земји од Западниот Балкан, ја оцени премиерот Мицкоски одлуката на Советот на Европа за затворање на мониторингот.

„Три децении нашето членство во Советот на Европа беше инструмент за трансформација. Оваа одлука покажува не само каде сме денеска, туку и на сериозноста како ги да направивме обврските. Одлуката за затворање на постмониторинг дијалог е признание за долгогодишниот процес на реформи. Ќе останеме целосно посветени да се справиме со преостанатите предизвици“, изјави Иванка Василевска-пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Затворањето на процесот на мониторинг за мојата земја е од големо значење. Симболизира дека наградата доаѓа на крајот ако не го изгубите фокусот. Ова е јасна слика на секој напредок и назадување на северна Македонија што покажува дека народот сака демократија и дека знае што е демократија и реагираат кога политичарите не го исполнуваат нивните барања“, изјави Бисера Костадиновска-Стојчевска-пратеник на СДСМ.

„Со затворањето на постмониторинг дијалог Северна Македонија постигна значаен чекор. Денешната одлука покажува дека посветеноста и реформи за исполнување на стандардите на Советот на Европа дава резултати“, изјави Беким Ќјоку-пратеник на „Вреди“.

Советот на Европа одлучи да го затвори постмониториг дијалогот со Македонија којшто беше отворен во 2000-та година.

 

Ирина Гелевска