Финишира изградбата на топловодната мрежа во Битола
Топловодот е повеќедецениска желба на битолчани, уште од самата изградба на комбинатот РЕК Битола. Поставувањето на цевководната мрежа е речиси завршена. Забрзано се работи и на изградбата на потстаницата за препумпување и догревање.

По децении зависност од индивидуални начини на греење и сериозен проблем со загадувањето на воздухот, Битола е на чекор до добивање на современ систем за централно греење-топловодот од РЕК до градот.
Цевководот е влезен во РЕК, опремата пристигнува и тековно се монтира, паралелно се работи на потстаницата за препумпување и догревање, а со засилување на уште пет точки, целосно завршуваат градежните активности низ улиците во градот.
Ова е еден од најзначајните капитални проекти кој има потенцијал да го трансформира начинот на греење на градот. Со негово пуштање во употреба, се очекува значително да се намали користењето на дрва, мазут и нафта, што директно ќе влијае на намалување на аерозагадувањето особено во зимските месеци.
Проектот е од 2016-та година, а активно се работи на него од крајот на 2021-ва. Неговата вредност изнесува 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германска банка, а 7,5 милиони евра се сопствени средства на ЕСМ.
Александра Максимовска
