Македонија

Празнична еуфорија, па постпразнична депресија

01.02.2026 15:42

Поминаа празниците, а со нив и еуфоријата, периодот исполнет со дружби, возбуда и активности. Прекинот може да предизвика пад на расположението, празнина, односно различно влијае на сите нас. Според стручните лица станува збор за постпразнична депресија.

По празничната еуфорија, следува постпразнична тага. Завршувањето на периодот исполнет со празнични дружби, блискост и возбуда, може да предизвика пад на расположението, активностите, чувство на замор, намалена мотивација, празнина.

Според стручните лица оваа привремена психолошка реакција следи по наглиот премин на времето исполнето со емоции, социјални контакти. Може да трае од неколку дена до неколку недели, се до враќањето на секојдневните рутини. Но доколку е присутна подолго треба да се побара помош.

„Она што можеби исто така има некаде влијание празниците се случуваат во зима во зимски период кај нас, кога нели деновите се пократки и дневната светлина е намалена, физичката активност можеби и помалку присутна па имаме и режим на исхрана променет, така да сето ова може да има своја некое влијание појава на овој феномен постпразнична тага. Овој претпразничен период е доста карактеристичен и познат како магичен период а и период каде што сите поголем број на луѓето се очекувања дека тука сега ќе се случуваат магични работи и каде што славењето или претпразничниот период ќе биде посебно обоен и често може и тоа да доведе до разочарување“, вели Сања Јовановска, психолог и психотерапевт.

Социјалните мрежи дополнително ја продлабочуваат оваа појава и затоа е важно да се редуцира изложеноста, споредувањето. Оваа состојба најчесто се манифестира како намалено расположение, замор, тешкотии со концентрацијата и нарушен сон. Важно е велат враќањето во рутината да биде со мали чекори, со што ќе се врати и емоционалната рамнотежа.

Елена Георгиевска