„Безбеден град“ во функција
Од денеска внимателно со управувањето на возилата. Ќе има казни за направените прекршоци. На стартот, зголемен е прагот на толеранција за пречекорување на брзината за граѓаните постепено да се навикнат на новиот систем.

Почна да функционира системот „Безбеден град“, на територијата на градовите Скопје, Тетово и Куманово и на коридорите 8 и 10. Во првата фаза, системот ќе ги детектира следниве прекршоци: минување на црвено светло, непрописно паркирање, управување со возило со измината регистрација и возење со брзина над дозволената.
Од Министерството за внатрешни работи велат, овој систем е значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните, наменет да спасува човечки животи, а насочен против оние што свесно ги кршат сообраќајните правила.
Ја зголемивме толеранцијата за пречекорување на дозволената брзина, но со текот на времето, таа ќе се намалува, согласно европските критериуми, вели премиерот Христијан Мицкоски, кој очекува драматично намалување на бројот на прекршоци и казни.
И граѓаните го поздравуваат почетокот на функционирањето на системот. Велат, време беше да се преземе нешто.
Глобите за сообраќајните прекршоци ќе бидат од 15 до 500 евра, но ако плаќањето е во рок од осум дена, ќе се платат само 50%. Во текот на годината, системот се очекува да биде проширен низ целата територија на Македонија.
Марија Котовска
