Скопје

Изградба на првата фаза од булеварот „Македонија“

01.02.2026 18:36

Почна проширувањето за влез во подземната сообраќајница под „Лимак“ од Кисела Вода. Ова е почеток на првата фаза која предвидува реконструкција на постојните улици и се очекува да биде завршена за 90 дена. Наредната недела ќе биде распишан тендер за изградба на втората. Целта е намалување на сообраќајниот метеж и побрзо движење низ центарот на градот.

Почна првата од четирите фази на проширување и реконструкција на улиците за влез во подземната сообраќајница под станбениот објект „Лимак“, во центарот на Скопје.

На потегот од улицата „Пролет“ кон „Лимак“, како и кон булеварот „Борис Трајковски“ ќе се воведе еднонасочен сообраќај. Проценката е дека со подземната сообраќајница ќе се намали метежот во центарот за 30 проценти.

Градскиот татко Ѓорѓиевски посочува дека градежни активности на сообраќајници се одвиваат на неколку локации во Скопје, што беше и негово предизборно ветување.

Подземната сообраќајница ќе биде додадена вредност во квалитетот на живот на скопјани, смета премиерот Мицкоски.

Подземната сообраќајница ќе има шест ленти, четири за двонасочен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.

Миле А. Ристески