Осум лица лишени од слобода поради безобѕирно управување, одземени возила
Управувале возила со активна забрана, без положен возачки испит и со фалсификувана возачка дозвола, возилата им се одземени- соопшти МВР.

Полициски службеници од повеќе сектори за внатрешни работи во изминатите два дена лишиле од слобода осум лица во Велес, Делчево, Скопје, Битола и Прилеп поради тешки прекршувања на сообраќајните правила.
При сообраќајни контроли било утврдено дека дел од возачите управувале возила без положен возачки испит, со активна забрана за управување, а во еден случај и со фалсификувана странска возачка дозвола. Во сите случаи, лицата биле задржани во полициска станица, а возилата одземени.
По целосно документирање на настаните, против приведените ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
