Недостиг од превентивни програми, надминат проблемот со терапијата
Недостигаат превентивни програми – предупредуваат здруженијата на Светскиот ден за борба против ракот. Од Фондот за здравство велат дека во наредните години онколошките пациенти нема да остануваат без терапија. Снимањата во пет-центарот двојно ќе се зголемат.

Со скрининг за рак на грлото на матката се опфатени само 10 проценти од жените во земјава. Годишно заболуваат околу 200 жени, а 60-тина ја губат битката иако болеста може целосно да се спречи. Буџетот за превентивни програми со години стагнира – алармираат здруженијата.
„Ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи“, побараа од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Изминатите години онколошките пациенти честопати остануваа без терапија, од фондот уверуваат дека проблемот е надминат и дека работат на измена на протоколите за лекување, а снимањата во пет-центарот двојно ќе се зголемат.
„Зборуваме за третман на пациенти кои се речиси со метастази, ние мораме да имаме проценка за ефикасноста на оваа терапија. Оваа терапија е исклучително скапа и доколку нема ефект, не би требало да се продолжува за да ги имаме за ситуации кога треба да има ефект. И тука важна алка е пет-центарот“, рече директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Во земјава околу 5.000 луѓе годишно заболуваат од канцер. Пушењето е најчеста причина за појава на малигни заболувања, особено за рак на бели дробови.
Андријана Ѓурческа
