Финансиски криминал во Македонски пошти, кривични за четири лица!

11.09.2014 12:54

Со малверзации двајцата вработени во пошта на третопријавениот му овозможиле да се стекне со противправна имотна корист во износ од 46.000 евра...

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против 4 лица за злоупотреба на тендерска постапка. Две лица се вработени во Македонски пошти, а двајца се управители на приватни фирми.

Во 2013-тата бил распишан тендер за софтверско решение, за што биле обезбедени речиси 4 милиони денари. Поради високите критериуми, се пријавила само една фирма, сопственост на еден од осомничените, велат од МВР.

Фирмата „Зокор“ од Скопје што го добила тендерот била без вработени и без никакви ресурси, склучила договор за заеднички настап со Макпетрол, но бесправно бил направен договор со фирмата „Теком“, сопственост на 4-то осомничениот, кој пак направил договор со Македонски пошти.

Со малверзации двајцата вработени во пошта на третопријавениот му овозможиле да се стекне со противправна имотна корист во износ од 46.000 евра, за кој износ е оштетен буџетот на Македонски пошти.