Заев демантира поврзаност со запленетата марихуана, најави тужба против Петрушевски
Продолжува акцијата на МВР и обвинителството за гонење организиран криминал во која досега се запленети 40 тони марихуана. Во меѓувреме, не прекинуваат ни меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата. По прозивките од ВМРО-ДПМНЕ за вмешаност, се огласи и екс-премиерот Заев. Демантира секаква поврзаност со случајот и најави тужба против пратеникот Бране Петрушевски, доколку не се извини...

„Доста е со лагите, немам врска со запленетиот канабис“ – се огласи експремиерот Зоран Заев, кој негираше каква било поврзаност за случајот со дрогата. Тој побара извинување, во спротивно најави тужби против пратеникот Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ за како што рече, клеветите, навредите и намерната злоупотреба на неговото име.
„Безобразна лага е дека на кој било начин сум поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. Подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции“, вели Заев.
„Заев се јави во одбрана на својот криминал“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ од каде што останаа на ставот дека Заев е таткото на бизнисот со канабис во Македонија.
СДСМ, пак, побара одговорност и обвини дека без поддршка, заштита и логистика од врвот на власта, шверцот на огромна количина дрога преку граница и нејзин влез во Србија не бил возможен.
Скандалот со дрогата изби пред една недела откако во соседна Србија беа запленети 5 тони дрога, за која тамошните власти соопштија дека влегла од Македонија.
Фиљана Kока
