Белград

Обид за киднапирање на Даниел Кајмакоски во Белград

08.02.2026 14:38

Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски бил киднапиран по настап во кабарето „Лафајет“ во Белград. Вооружени напаѓачи под закана со оружје го внеле во автомобил и барале откуп од 20 илјади евра. По полициската потера, киднаперите побегнале, пејачот спасен.

Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски бил киднапиран по настап во кабарето „Лафајет“ во Белград. Според српското Министерство за внатрешни работи, непознати сторители го пресретнале Кајмаковски во близина на „Бетон Хала“ и насилно го внеле во возилото, го врзале и барале откуп.

„По потера по возило во кое двајца, засега непознати сторители го киднапирале Д.К. (43 години) под закана со нож и со пиштол во раните утрински часови во Белград на улицата „Караѓорѓева“, и му изнудувале пари, наведеното возило е запрено на територијата на општина Рума, во кое жртвата е пронајдена со врзани раце, додека сторителите успеале да го напуштат возилото и да заминат во непознат правец“, се наведува во соопштението на Министерство за внатрешни работи Република Србија

Во возилото, Кајмакоски бил пронајден врзан и во состојба на шок, но без повреди. Инцидентот го потврди и Миланка Рашиќ, задолжена за односи со јавноста на пејачот, кој во интерес на истрагата нема да дава изјави. Таа потврди дека напаѓачите барале откуп од 20.000 евра.

„Зборував со Даниел пред малку, добро е. По ноќта помината во полиција, сега е дома. Она што можеме да го потврдиме е дека полицијата трага по непознатите сторители кои се странци, кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил барајќи му 20.000 евра. Возеле накај Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да ги запре. Даниел многу смирено и храбро се соочил со киднаперите“, вели Миланка Рашиќ.

Јавното обвинителство во Белград го квалификуваше случајот како киднапирање. Се трага по сторителите.

Марина Стојанова – Тонева