Два витални објекти во Штип десет години недоизградени
Два големи објекти од витален интерес стојат недоизградени во Штип. Новата Клиничка болница започна да се гради пред десет години. Десет години стои недоизграден и Домот за стари лица. Една деценија подоцна, Штип нема ниту нова болница ниту дом за стари лица. Доизградбата на објектите ќе чини многу повеќе од првичниот буџет.

Пред 10 години со кредит од 27 милиони евра почна изградбата на новата Клиничка болница во Штип. Изградбата запре заради нерасчистени сметки помеѓу фирмата изведувач и подизведувачите. И покрај бројните ветувања, објектот стои недоизграден. Министерството за здравство најавува решение.
„Клиничката болница во Штип и болниците во Кичево и Тетово ќе се доизградат со финансиски средства обезбедени преку договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Станува збор за проекти во вредност од околу 205 милиони евра. Процесот за изразување интерес на меѓународни финансиски институции за финансирање на овие три болници заврши на трети февруари годинава. Откако Министерството за финансии ќе ја избере најповолната понуда за финансирање, ќе почне реализацијата на проектот‘, велат од ресорното министерство.
Изградбата запре заради административно – технички проблеми. Општината сега бара начин да ги реши, но и средства за нов проект. Според експертите, доизградбата ќе чини многу поскапо од првичните пресметки
Загубата е непроценлива затоа што Штип сè уште нема дом за стари, а пациентите од источниот регион сè уште се лекуваат во несоодветни услови.
Славица Величковска
