Случај „Онкологија“

Продолжува судењето против поранешниот директор на Онкологија

09.02.2026 09:01

Со сослушување на вешти лица од Словенија, кои изработиле медицински вештачења за потребите на Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев...

Со сослушување на вешти лица од Словенија, кои изработиле медицински вештачења за потребите на Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а за сослушување на словенечките експерти се закажани повеќе рочишта во текот на неделава.

Според најавената динамика, кон крајот на март се очекува да започне и сослушувањето на вешти лица од Србија, кои исто така изготвиле медицински вештачења за Обвинителството.

Покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје. Постапка првично се водеше и против уште една докторка, Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.

Според обвинението, лекарите се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применувани несоодветни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба.

Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено и посебно обвинение за злоупотреба на службената положба и проневера, со што, според обвинителството, била предизвикана штета на државниот буџет од над 2,2 милијарди денари.