воен конфликт

Русија продолжува со ракетирањата во Украина

09.02.2026 10:48

Русија продолжува со ракетирањата во Украина. Киев се надева на помош од Трамп за крај на војната. До крајот на неделава нова рунда разговори во Абу Даби. Територијалното прашање и нуклеарната централа во Запорожје, и натаму камен на сопнување...

Уште едно деноноќие во Украина го одбележаа серија руски напади. Жртви и повредени во Одеса и Харков. Киев одново нападнат со балистички проектили. Снабдувањето со електрична енергија и затоплувањето и натаму предизвик. Речиси секојдневно на удар е и железничката инфраструктура, но земјата успева да ја одржи клучната логистика.

„Русија ја нападна Одеса со борбени беспилотни летала, предизвикувајќи пожари. Два автомобила, гасовод и покривот на 24-катна станбена зграда се запалија. Фитнес клуб и шест автомобили беа оштетени. Прозорците на зградите беа искршени. За жал, и покрај напорите за реанимација, 36-годишен маж не можеше да се спаси“, изјави Марина Мартиненко, претставник на Одеса- Државна служба за вонредни состојби на Украина.

И Русија нотира проблеми во снабдувањето со струја и вода по украински напади. Гувернерот на Белгород објави дека делумно е вратено затоплувањето.

„Херојските напори на нашите работници во електроенергетиката и греењето резултираа со враќање на греењето во Белгород. Длабоко сум благодарен на секој човек кој, без оглед на сопствената безбедност, се бореше да ги спаси животите и здравјето на нашите жители“, изјави Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.

Украинскиот претседател Зеленски ја нагласи итната потреба од помош од партнерите, особено со ракети за воздушна одбрана.

„Ракетите за воздушна одбрана се потребни секојдневно. Заштитата од руски балистички ракети е потребна секој ден. Ниту една земја во светот не треба да биде оставена сама и без помош при вакви напади и во таква војна. Сакам да им се заблагодарам на сите што стојат со Украина. Следните недели ќе бидат активни во соработката со нашите партнери. Како и секогаш, потребни се резултати. Резултатите мора да се испорачаат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Поддршката за Украина, безбедноста, трансатлантските односи и европската одбрана, на агендата и на 62. Минхенска безбедносна конференција неделава.

„Мислам дека САД апсолутно треба да ја продолжат директната американска воена поддршка за Украина. Фактот дека не издвоија никакви нови пари за да и помогнат на земјата е погрешен сигнал за Русија. Можам само да претпоставам дека Соединетите Држави веруваат дека решението за оваа војна може полесно да се постигне ако се изврши малку поголем притисок врз послабата страна. А послабата страна во овој поглед е, се разбира, Украина, која е агресирана. Би помислил дека тоа е морално, стратешки и политички, се разбира, погрешен пристап“, изјави Волфганг Ишингер, претседател на Минхенската безбедносна конференција.

Преговорите со посредство на САД за крајот на војната треба да продолжат наскоро. Зеленски тврди дека територијалното прашање и прашањето за нуклеарната централа во Запорожје останале нерешени за време на разговорите во Абу Даби.

 

Маријана Димовска