Македонија

Владата го утврди Предлог-законот за Советот на јавните обвинители

10.02.2026 15:24

Со законското решение детално се уредува постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која ќе се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.

Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за правда, го утврди Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, кој има за цел зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

Со законското решение детално се уредува постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која ќе се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.

Предлог-законот предвидува и засилена улога на Советот во изборот и разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.

Дополнително, се зајакнува транспарентноста на работата на Советот преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на личните податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.

Со Предлог-законот се воведуваат и прецизни критериуми за избор на членови на Советот, со цел обезбедување стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет, како и детална постапка за разрешување на член на Советот со јасни рокови и критериуми.

Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, доби заедничко позитивно мислење од Венецијанската комисија.