Куманово

Напуштени куќи опасност за минувачите и за соседите

14.02.2026 17:45

Напуштени, неодржувани домови, опасност за минувачите, но и за соседите. Кумановка стравува дека ќе остане без својот дом, откако Општината одлучи да ја урне напуштената куќа, којашто е лепенка со нејзината. Во Куманово во моментов се постапува по четири склонопадни објекти. Но опасност претставуваат над 20-ина домови.

„Куќата е на еден ѕид, кога ќе се сруши јас скроз ќе сум откриена и сум на улица. И не знам зошто институциите, дали не работат, јас кога одев беа глуви, сега сè уште поглуви“, раскажува кумановката Розита, која стравува дека ќе остане без својот дом, откако општината одлучи да ја урне напуштената куќа, којашто е лепенка со нејзиното живеалиште. Домовите стари 200 години, се изградени на ист темел и се потпираат на еден ѕид. За состојбата и уривањето не добила никакво известување од општината, само забележала работници. Живее сама од социјална помош, со здравствени проблеми.

Ми протекува во спалната, тече во ходникот. Јас не сум заштитена, страв ми е склонопадна е, а и Општината сега кога ќе ја руши ова е поставено не дојде инспекција, да се направи увид, како е кај мене внатре, тоа се е под еден ѕид, нема дупли ѕидови. Во собите е паднато на средина, ако има дождови ќе се сруши, знак прашање е кога и како, вели таа.

Од општината информираат постапката за отстранување е при крај. По неколкуте обиди со сопствениците, одлучено е да се отстрани објектот. Направен е и елаборат за заштита на соседниот објект, ангажирана е фирма. Уверуваат ќе се води грижа за домот на Ѓорѓиевска.

Самата фирма знае и при увид на лице место ќе види на кој начин ќе го изведува останувањето, со цел да не се наруши стабилноста на соседниот објект-истакна Емилија Сларидис Јаневска, секретар Општина Куманово.

Во Куманово во моментов се води постапка за отстранување на четири склонопадни објекти.

Според проценките, вакви дотраени објекти во градот има околу 20-ина.

Изминатите години во неколку наврати сами се уриваа дотраени објекти. Истите се опасност за минувачите, но и возилата.

Елена Георгиевска