Трамп го повика Пекинг да помогне во повторно отворање на Ормускиот теснец
Две недели пред клучниот самит меѓу САД и Кина за решавање на споровите, Трамп постави нов услов за разговорите, Пекинг да помогне во повторно отворање на Ормускиот теснец. Војната на Блискиот Исток во фокусот и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ. Техеран негира дека побарале разговори со Вашингтон. Нападите во Иран, Израел и заливските држави продолжија. Израелската војска почна копнена офанзива во Јужен Либан.

Расте притисокот од САД за Ормускиот Теснец. Откако првично најави дека американската морнарица ќе придружува танкери, викендов Трамп ја промени позицијата и повика други земји да ја обезбедат пловидбата низ протокот. Шефот на Белата Куќа бара НАТО сојузниците да помогнат во решавање на кризата. Во исто време го повика Пекинг да се изјасни за бродската линија пред средбата со кинескиот претседател месецов.
„Кина добива околу 90% од својата нафта од Ормускиот теснец и убаво би било да имаме други земји што ќе го контролираат тоа со нас и ние ќе помогнеме, ќе работиме, воено, колку што ми е важно. Во суштина го победивме Иран. Претпоставувам дека можат малку да возвратат, не многу“, изјави Доналд Трамп, претседатела на САД.
Кина воздржана, повика на деескалација со цел да се спречи регионалните турбуленции да имаат поголемо влијание врз глобалниот економски развој.
„Одржуваме комуникација со сите страни за моменталната ситуација и остануваме посветени на промовирање на деескалација на моменталната ситуација. Дипломатијата на шефовите на држави игра незаменлива стратешка водечка улога во односите меѓу Кина и САД. Двете страни одржуваат комуникација за посетата на претседателот Трамп на Кина“, изјави Лин Џиан, портпарол на МНР на Кина.
Ситуацијата на Блискиот Исток, тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
„Укинувањето на санкциите за руската нафта од страна на САД е опасен преседан со кој Русија добива повеќе пари за војната. Она што се случува на Блискиот Исток има ефект врз Украина, и другите партнери и главната точка ќе биде како да остане Ормускиот теснец отворен“, истакна Каја Калас, шефица за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Иранскиот министер за надворешни работи вели дека Техеран не побарал од Вашингтон прекин на огнот.
„Не гледаме никаква причина зошто треба да разговараме со Американците, бидејќи разговаравме со нив кога решија да не нападнат. Ова е војна по избор од страна на претседателот Трамп и САД, и ние ќе продолжиме со нашата самоодбрана“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Израелската војска почна копнена операција во Јужен Либан и најави дека војната во Иран ќе трае најмалку уште три недели. Нападната израелска воздухопловна база близу Тел Авив, Хезболах ја презеде одговорноста.
„Имаме организиран и добро испланиран борбен план. Сè уште имаме илјадници цели во Иран и секојдневно создаваме дополнителни. Режимот е веќе ослабен. Тој е нестабилен и го крие ова од своите граѓани“, рече бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Продолжија и нападите во земјите во Заливот. Сообраќајот на меѓународниот аеродром во Дубаи се нормализира откако привремено беа запрени летовите по пожар од беспилотно летало.
Маријана Димовска
