Продолжи судењето против тројцата обвинети полициски службеници во случајот „Пулс“
Тројца полицајци обвинети за постапувањето при контролите во кабарето „Пулс“ седнаа на обвинителна клупа. Обвинителството тврди дека казните ги пишувале на друга фирма. Рекоа дека не чувствуваат виновни. Сведоците велат дека газда Деко бурно реагирал кога во објектот при контроли биле затекнувани малолетници.

Газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов-Деко се лутел и не соработувал со полицајците кога тие ќе фателе малолетници во кабарето. Полицаецот од Кочани, Ерхан Хаџимита сведочеше дека заедно со еден од обвинетите полицајци, Горан Лазаров, во 2023 година два пати бил во акциска контрола и нашол две малолетнички чии лични карти ги одзел и му ги предал на Лазаров во билетарницата. Кога Деко видел дека фатиле малолетнички во дискотеката, почнал да реагира.
„Ни рече „правете што сакате“, бидејќи и претходно сме имале недоразбирања околу присуство на малолетници. Не сакаше да соработува, па излеговме надвор. Јас останав со малолетничките за да се контактираат нивните родители, додека одговорниот составуваше записник“ – изјави сведокот.
Одбраната имаше уште еден сведок, Борче Иванов, кој во 2023 година бил началник на надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кочани и учествувал во изготвување на анекси на акциските планови за дискотеката. Тој рече дека ако сопственикот не им ја приложи тековната состојба при вршење на контрола, тогаш тие податоците ги барале од Централниот регистар.
Сведокот исто така тврдеше дека може да се констатираат прекршоци и ако правното лице не е активно. За овие прекршоци што ги констатирале полицајците во 2023 година, Кочанскиот суд неодамна изрекол пресуди, но судот не ги доставил пресудите до одбраната, па Кривичниот суд сега ќе ги бара да ги достави како докази во постапката.
Обвинетите се товарат дека при акциските контроли во дискотеката не постапиле во согласност со пропишаните правила од анекс-плановите, при што во записниците навеле неактивно правно лице како одговорно.
Ана Јосифоска
