Политика

Сиљановска-Давкова – Милатовиќ: Евроинтеграцијата да се забрза врз основа на исполнети реформи

31.03.2026 17:38

Со највисоки државни и воени почести, македонската претседателка Сиљановска-Давкова во Вила Водно го пречека црногорскиот колега, Јаков Милатовиќ, кој допатува во официјална посета на земјава. И Скопје и Подгорица се надеваат на европска иднина.

„Доаѓам како пријател кај пријател, како брат во братска земја“ – од Скопје порача црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. Со претседателката Сиљановска-Давкова се согласиле дека евроинтеграцијата мора да се забрза врз основа на исполнети реформи, со пристапување во ЕУ се зголемува безбедноста на регионот.

Заедничка визија е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, а самитот ЕУ – Западен Балкан, како што рече таа, што ќе се одржи во Црна Гора, е доказ дека прашањето за членство на регионот не е само прашање поврзано за иднината, туку прашање што треба и може да стане реалност.

„Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија. Оваа држава во нас секогаш ќе има голем сојузник и голема поддршка. Црна Гора си постави амбициозна цел, но сметаме дека е остварлива да стане земја членка на ЕУ во 2028 година и да покажеме дека европската перспектива не е само сон, туку и реалност“, изјави Милатовиќ.

Двајцата претседатели се согласиле дека одлично соработуваат и во рамки на НАТО, каде двете држави придонесуваат за регионалната безбедност. За зајакнување на регионалната соработка беше потпишан и меморандум за соработка на младинските совети при двата кабинети.

Милатовиќ е првиот црногорски претседател што се обрати пред македонското Собрание. За време на посетата, Милатовиќ положи цвеќе на грбот на револуционерот Гоце Делчев. Заедно ќе одржат и предавање на Правниот факултет со порака дека освен политичко, бараат и академско поврзување на двете земји.

Ирина Гелевска